сряда, 27 октомври 2010 г.

Пари, станови, автомобили, викендички, дуќани, школување во странство... Со вакви подароци тајните безбедносни служби им искажувале благодарност за лојалноста на луѓето со кои долги години биле во сојузништво!

Кодошите не кодошеле гратис

Најпрво со „пациентот“ се правеле контакти на пониско ниво. Тој се скенирал подолго време
Оливера Војновска



Пари, станови, автомобили, викендички, дуќани, школување во странство... Со вакви подароци тајните безбедносни служби им искажувале благодарност за лојалноста на луѓето со кои долги години биле во сојузништво. Лицата кои во животот функционирале со кодошење, веројатно, немале спокојство и мирен сон. Но, затоа за себе и за своите семејства можеле да обезбедат квалитетен и богат живот. Се тврди дека нивната долгогодишна кооперативност со тајната полиција резултирала со екстра-добивка од неколку десетици илјади евра (гледано во денешни услови).

Напредувањето во кариерата не бил единствениот бенефит од кодошењето. Информациите со кои ја сервисирале тајната полиција не ги давале гратис, туку ги наплатувале. Во одредени случаи кодошката услуга само за една операција со „посебна специфична тежина“ одела во пакет со автомобил или стан. Поситните информатори, пак, добивале хонорари во висина на една плата.

За ова сведочат лица кои порано работеле во поранешните специјални служби. Велат дека оној што бил соработник на тајната полиција тоа го правел исклучиво од лукративни цели. И тоа врз основа на договор, писмена согласност (изјава ) и за надомест што се одредувал во зависност од природата и тежината на задачата.

Може ли да се препознаат и како изгледаат овие личности кои својата кариера ја граделе на сметка на туѓата несреќа и згора на тоа биле наградувани со огромни суми пари?. „Тоа се луѓе од нашето соседство. Сосема обични и со своето однесување не го привлекуваат вниманието на околината. Некои од нив станале соработници на службите уште во младоста, со првото вработување и сојузништвото траело со години. Вртоглаво ја ѕидаат кариерата во некое тело на општините, Извршниот совет, Собранието, потоа во судовите, банките, по разни комбинати... Буквално секаде, вклучувајќи ги и новинарските куќи. Паралелно со политичката или бизнис-кариера кодошеле за пари“, раскажуваат оние што ја познаваат добро организацијата и функционирањето на кодошничката мрежа. Тие сликовито го објаснуваат системот на кодошење и богатење. „Овие лица му се залепуваат на ’објектот‘. Се спријателуваат и со него градат семејни релации. Заедно одат на викенди, одмори, патувања... Ги знаат сите детали и интимните врски. Секогаш се до ’пријателот‘ во важните моменти. Да честитаат или да го утешат ако треба. И, токму ваквото, навидум, искрено другарување се користи како извор на многу квалитетни информации за СДБ. Со тек на време стекнуваат голема финансиска моќ. Прават тврдина која подоцна во животот им го штити грбот. Некои од овие крупни кодоши денеска се меѓу најбогатите во државата“, тврдат нашите соговорници. Појаснуваат дека терминот „кодош“ - кој стана многу популарен со лустрацијата, всушност, се однесува на најобичен ситен информатор, кој нема писмен договор со службите и инцидентно ги сервисира оперативците со иформации за мала сума пари.

Цената на вистинските соработници (оние што се битни за лустрацијата) била одредувана во зависност од тоа дали тие биле ангажирани на кратки патеки, или долгорочно, како и на која дејност биле фокусирани: во стопанството, општествено-политичките институции, образованието, научната дејност, културата, судството, верските заедници...

Познавачите велат дека во досиејата што беа отворени во 2000 година може да се препознаат имињата на некои од големите кодоши, но таму не може да се види колку пари земале. Тоа точно може да се открие од досиејата на самите соработници, кои љубоморно ги чува СДБ. Односно УБК, и таму ја има документација за целата соработничка мрежа и оперативните врски. „Но, независно која политичка гарнитура е на власт, УБК никогаш нема да ги обелодени. Може да се случи само селективно да вади предмети и за пари да уценува одредени ’угледни личности‘ дека јавно ќе им го извалка образот“, прогнозираат тие. Иронично додаваат дека соработник на СДБ не се станува „несвесно, непромислено и од невнимание“. „Напротив, тоа го правеле многу свесно и многу пресметано. А и службите знаеле кого да врбуваат и кој е подготвен да стори се' за пари и за позиција. Нема никаква случајност и не може секој да биде соработник на СДБ. Тоа е долг и сложен процес. Најпрво со ’пациентот‘ се прават контакти на пониско ниво. Тој се скенира подолго време. Му се даваат одредени задачи, се прават извештаи за неговите информации, па се дава мислење во службата и предлогот стигнува до потсекретарот. Последниот збор го кажува министерот за внатрешни работи, кој му го потпишува решението и тој се регистрира како соработник на СДБ“, објаснуваат поранешни агенти.

Во досиејата на тројцата функционери на ДУИ, под псевдонимите „Вујко“, „Мама“ и „Стрелец“, со кои се прослави најпопуларниот професор во Тетово, има писма и потврди за парични награди во износ: од 2.500 германски марки, 4.500 швајцарски франци, 25.000 швајцарски франци, 40.000 австриски шилинзи, како и белешки за апанажа: од 5.000 , 6.000 и 8.000 германски марки.

Документите потекнуваат од Белград и треба да се испитува веродостојноста на печатите, карактерот на буквите и тежината на хартијата. Министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, деновиве се пофали дека „МВР располага со лабораторија за крим-техника, што е една од најсовремените во регионот и може да направи вештачење за кој било предмет“. Допрва ќе се види дали модерната технологија во МВР ќе ја расчисти мистеријата околу оригиналноста на досиејата или ќе се чека мачниот процес на сукцесија. А дотогаш македонската лустрација ќе фаќа прав во темните архиви на Безбедносната информативна агенција (БИА), каде што се наоѓаат досиејата на соработниците на некогашните сојузни тајни служби КОС и СДБ.

http://www.utrinski.com.mk/default.asp?ItemID=CF1012D0E1BD89449F68CF9DAB7EF436

Няма коментари:

Публикуване на коментар